BLOG na Filip Petrovski

February 25, 2009

Електронска здравствена картичка – на препад

Верувам дека сите се сеќавате на Имер Селмани, претходниот министер за здравство. Тој беше еден од најекспонираните министри на ДПА. Секогаш активен и присутен. Повеќе од популарен. Наместено насмеан. Елоквентен. Зборуваше подобро на литературен македонски од повеќето пратеници во парламентот. И како последица на тоа деновиве тој е и кандидат за претседател на Македонија. А, она што може да се чуе како мислење за таа кандидатура е дека тој како македонски Обама во обид ќе добие процент на гласови и од Македонците… Претседателските избори, сепак, не се примарна тема на овој текст. Имено, си реков ајде да се потсетам на достигнувањата на популарниот Селмани во нашето здравство. Да набројам што е тоа што тој во министерувањето го направи во здравството на Македонија, па затоа сега има толкава популарност. Не можев, за жал, да се сетам на ништо конкретно.

Во меѓувреме, на сцена стапи Бујар Османи. Се чини адекватен одговор од ДУИ за Селмани. Новиот министер се зафати со сериозно работење на јавноста. Како и Селмани, и него го има секаде. Како последица на тоа разбравме дека оваа Министерство е оценето како отворено и најблиско до јавноста. Како што гледам, и тој ја научил лекцијата за македонската јавност, односно дека е потребно што повеќе да те има, да прикажуваш за големи проекти, едноставно да си активен. Веројатно затоа пред некој ден слушнавме за најновиот проект за воведување електронска картичка кој бил „вреден“ 7,5 милиони евра. Здравствените книшки на македонските граѓани за 15 месеци ќе бидат заменети со електронски здравствени картички. Ќе биле изработени 2,3 милиони картички кои, колку што разбравме, чинат по три евра поединечно. Министерот истовремено најави дека паралелно со ова ќе стартува проектот за интегриран здравствен систем, со кој ќе бидат поврзани сите здравствени установи. И, дека ќе биде објавен тендер за набавка на 2.000 компјутери. За двата проекта немаме информација колку ќе чинат. Побарав и на сајтот на Министерството, за жал, таква информација засега нема.

Пресметката покажува дека изработката на картичките, како што е најавено, навистина ќе чини околу 7 милиони евра. Значи дека соопштената информација е коректна. Сепак, постојат неколку дополнителни прашања кои не се јасни, па затоа дозволете јавно да се прашам и да дадам мое мислење. Прво, што е електронско здравство и електронска здравствена картичка? Расположливите дефиниции го кажуваат следново: ново поле во медицината кое е спој на медицинска информатика, јавно здравство и бизнис, поврзано со давање услуги во здравството преку информатика и комуникациски технологии. Во поширока смисла, ова значи не само технолошки развој туку и состојба на умот, начин на размислување, посветеност на мрежно и глобално размислување за подобрување на здравствената грижа локално, регионално и глобално, со користење информациски и комуникациски технологии. Се заинтересирав да проверам што од ова ние имаме и владееме, како знаење.

Да провериме што е потребно за оживување на овој концепт во Македонија? Бидејќи имплементирањето на електронската здравствена картичка би било на целата територија на Македонија, треба да се одговори каква мрежа треба да се воспостави за овој систем да биде функционален? Пред да одговориме на ова прашање, накратко ќе го опишеме искуството на Италија во примената на електронската легитимација. Таму е започната експериментална примена (на помала група за да се добијат податоци за применливоста). Во моментов процесот стагнира поради неколку причини. Не е јасно како да се заштитат податоците на корисниците. Сигурноста и приватноста, односно одговорот на тоа кој треба да има пристап до податоците на корисникот се сериозно прашање за кое таму се водат дебати. Дополнителен проблем е изборот и имплементацијата на софтверот. Голема дилема е и дали приватните ординации треба да бидат интегрирани и како во овој систем? Дали тие самите ќе плаќаат за опремата за да се приклучат? Сериозно прашање/дилема е дали нема некој од нив да ги злоупотреби податоците за креирање на сопствена база, односно на преземање на пациентите. Понатаму, сериозен проблем за Италија е нецелосноста на системот. Тие сметаат дека многу тешко ќе успеат да го комплетираат системот. Секако, се разгледува и финансиската страна на проектот. Заклучено е дека лесно може да стане неисплатлив, односно прескап за тамошното здравство и за пациентите. Интересни се заклучоците во Италија, држава- членка на ЕУ, далеку подобро ситуирана од Македонија.

Сега да се навратам на имплементирањето на овој систем кај нас. За да одговори на потребите, тој мора да биде способен да добива, собира, праќа информации и знаење до повеќе извори истовремено. Исто така, системот мора да биде способен и да ги процесира информациите кои до него ќе стигаат. Врз нив ќе се додаваат и нови: мислењата на лекарите и насоките за менаџирање на одредени здравствени проблеми, односно целокупното здравје на пациентите. Најавено е дека целокупното досие на пациентите ќе биде на картичките. Тоа значи дека од најобична влезна информација за посета и консултација со матичниот лекар и неговите наоди, па се’ до мислењето на специјалистите треба да се интегрира во медицинските досиеја, за да биде пренесено на картичката како излезна информација.

При моите разговори со импресионирани граѓани, добивам одговор дека е добро да се има таква картичка. Кога прашувам зошто, не добивам прецизен одговор. Едноставно, велат добро е да се има таква картичка. Веројатно, симпатично им делува. Никој, апсолутно никој не слушнав да се праша дали е воопшто возможно да се воведе таква картичка во македонскиот здравствен систем. Еве неколку прашања кои ми се поставуваат, а на кои, како пациент, сакам да добијам одговор: плаќам месечно за здравствено осигурување 3.270 денари, односно по 110 денари дневно. Зашто повторно да плаќам за добивање ваква картичка? Не ли одвојувам доволно пари секој месец за оваа услуга (ако биде корисна) да ја добијам без дополнителни трошоци? Како ќе се интегрираат во системот жителите на руралните средини, каде што ниту компјутери, ниту Интернет е виден и чуен? Како ќе се внесат старите досиеја во системот? Кој ќе ги внесе информациите во системот, колку персонал и со каква квалификација е подготвен за оваа работа? Колку време ќе биде потребно за да се внесат два милиони досиеја? Колку време е потребно за да се внесе едно досие и што воопшто ќе се внесе? Дали до доверливите за семејните аномалии, генетичките нарушувања, ХИВ позитивноста и слично ќе може да дојде секој програмер што го полни системот? Кој ќе ги контролира програмерите и кои програми ќе се користат? Како ќе се заштити системот од хакерки упади? На крај, зошто немаше јавна расправа низ која ќе се слушнат сите аспекти на проблемот и подетално ќе се инволвира стручната и заинтересираната јавност?

Пред да завршам, само да кажам уште дека за овој текст имав стручна помош од магистер, специјалист за менаџмент за економија и политика во здравството, кој својата титула ја стекнал во Италија на европски реномиран универзитет од тоа поле, а моментно е ангажиран во Португалија за реформа на нивниот здравствен систем.

П.С. Да не излезе на крај реформата меѓу 50 и 100 милиони евра?

No Comments Yet »

No comments yet.

RSS feed for comments on this post. TrackBack URI

Leave a comment

Blog at WordPress.com.